Како да избегнам ризик од инфекција?

Еве четири мерки на претпазливост за вас и вашето семејство со кои може да избегнете инфекција:

Често мијте ги рацете со сапун и вода, или со раствор на база на алкохол

Покријте ги устата и носот со подлактицата или со хартиено шамивче при кашлање и кивање. Фрлете го употребеното шамивче веднаш

Избегнувајте близок контакт со некој што има настинка или симптоми слични на грип

Веднаш побарајте медицинска помош ако вие или вашето дете имате покачена температура, кашлица или отежнато дишење

Како најдобро правилно да се измијат рацете?

Чекор 1: Натопете ги рацете со вода од чешма

Чекор 2: Направете доволно сапуница за да ги покриете влажните раце

Чекор 3: Добро исчистете ја кожата на рацете,  дланките, просторот меѓу прстите и под ноктите – мијте барем 20 секунди.

Чекор 4: Темелно исплакнете со вода од чешма

Чекор 5: Исушете ги рацете со чиста крпа или со хартија за еднократна употреба

Често мијте ги рацете, особено пред јадење, по секнење на носот, кашлање или кивање; и по одење во тоалет.

Ако нема сапун и вода на располагање, користете дезинфициент на база на алкохол со најмалку 60% алкохол. Секогаш измијте ги рацете со сапун и вода, ако рацете се видливо нечисти.

Како да разговарам со моето дете за корона вирусот?

 

Лесно е да се преоптоварите со сѐ што слушате за корона вирусот (КОВИД-19) во моментов. Исто така, разбирливо е и вашите деца да се вознемирени. На децата им е тешко да го сфатат она што го гледаат на интернет или на телевизија – или што го слушаат од другите луѓе – па може да бидат особено подложни на вознемиреност, стрес и тага. Но, отворениот разговор со вашите деца исполнет со поддршка ќе им помогне да разберат, да се справат со ситуацијата, па дури и позитивно да придонесат за другите.Започнете го разговорот со своите деца.

 

1.  Прашувајте отворени прашања и слушајте

Поканете го детето да зборува за ова прашање. Дознајте колку веќе знае и оставете го да ве води. Ако е многу мало и ако уште не слушнало за појавата на болеста, можеби не треба да го отворате прашањето – само потсетете го на добрата хигиена без да го плашите.

Сместете се во безбедна средина и овозможете му на детето слободно да зборува. Цртањето, приказните и други активности ќе помогнат да отворите дискусија.

Што е најважно, немојте да ја релативизирате или да ја избегнувате неговата загриженост. Уважете ги неговите чувства и уверете го дека е природно да му е страв за овие работи. Покажете дека го слушате со целосно внимание и уверете го дека може да разговара со вас и со наставниците за сѐ што сака.

2.  Бидете искрени: објаснете ја вистината на детски начин

Децата имаат право на точни информации за она што се случува во светот, но и возрасните имаат обврска да ги заштитат од непријатности. Користете јазик според возраста, следете ја нивната реакција и покажете разбирање за нивната вознемиреност.

Ако не знаете да одговорите на нивните прашања, не нагаѓајте. Ова нека биде можност заедно да ги истражите одговорите. Објаснете им дека некои информации на интернет не се точни и дека е најдобро да им се верува на стручните лица. Информациите издадени од Mинистерството за здравствоИнститутот за јавно здравје,  УНИЦЕФ и Светската здравствена организација се одлични извори. Редовно проверувајте ги најновите информации.

3.  Покажете му на детето како да се заштити себеси и своите пријатели

Еден од најдобрите начини децата да бидат безбедни од корона вирусот и од други болести едноставно е да ги поттикнете редовно да си ги мијат рацете. Ова не мора да биде заплашувачки разговор. Покажете им видеа или натерајте ги да ја пејат омилената песничка додека темелно ги мијат рацете барем 20 секунди.

Чекори за најдобри начини на миење раце

Чекор 1: Натопете ги рацете со вода од чешма
Чекор 2: Направете доволно сапуница за целосно да ги покриете влажните раце
Чекор 3: Убаво тријте ја кожата на рацете, дланките, меѓу прстите и под ноктите барем 20 секунди
Чекор 4: Темелно исплакнете со вода од чешма
Чекор 5: Исушете ги рацете со чиста крпа или со хартија за еднократна употреба

Често мијте ги рацете, особено пред јадење; по секнење на носот, кашлање или кивање; и по одење во тоалет.

Ако нема на располагање сапун и вода, користете дезинфициенс на база на алкохол со најмалку 60% алкохол. Секогаш измијте ги рацете со сапун и вода ако ви се видливо нечисти.

Исто така, може да им покажете на децата како да се покријат со подлактицата кога кашлаат или киваат, да им објасните дека е најдобро да не стојат преблиску до луѓето што имаат вакви симптоми и да ги замолите да ви кажат ако почувствуваат температура, им се кашла или ако го губат здивот.

4. Објаснете зошто понекогаш училиштата привремено се затвораат и поддржете го нивното учење дома

Објаснете им дека привременото затворање на училиштата спаѓа во мерките за нивна заштита и за заштита на пошироката заедница. Објаснете дека кога училиштата се затворени, луѓето помалку се мешаат, вклучувајќи ги и возрасните – на пример, помалку родители ги возат децата на училиште, помалку наставници комуницираат, а во некои случаи, и родителите остануваат дома.

Ако училиштата се привремено затворени, поддржете ги децата да продолжат со учење дома. Можете заедно да читате, да учите низ игра, заедно да ги работите задачите зададени од училиштето, безбедно да се вклучите на платформите за учење на интернет, ако се достапни, и да следите образовни програми на други канали.

5. Понудете утеха

Кога сме сведоци на многу вознемирувачки слики на телевизија или на интернет, може да добиеме чувство дека кризата е насекаде околу нас. Децата не умеат да прават разлика меѓу сликите на екранот и реалноста, па може да поверуваат дека се во непосредна опасност. Помогнете им да се справат со стресот, така што ќе им овозможите да си играат и да се опуштат, секогаш кога е можно. Држете се што повеќе до редовната рутина и распоред, особено пред легнување, или пак помогнете им да создадат нова рутина во новите околности.

Ако се соочувате со епидемија во вашето место, потсетете ги децата дека најверојатно нема да ја префатат болеста, дека повеќето луѓе кои имаат корона вирус не се многу болни и дека многу возрасни вредно работат за вашето семејство да биде безбедно.

Ако вашето дете не се чувствува добро, објаснете му дека мора да остане дома или во болница, бидејќи тоа е побезбедно за него и неговите другарчиња. Успокојте го велејќи му дека знаете оти е тешко (можеби страшно, па дури и здодевно) на моменти, но дека ако ги следи правилата, ќе помогне сите да останат безбедни.

6. Проверете дали детето доживува или шири стигма

Избувнувањето на корона вирусот донесе со себе бројни известувања за расна дискриминација низ светот, па затоа е важно да се уверите дека вашите деца ниту доживуваат, ниту придонесуваат кон малтретирање.

Објаснете дека корона вирусот нема никаква врска со нечиј изглед, од каде е и кој јазик го зборува. Ако децата биле навредувани или малтретирани на училиште, треба слободно да му кажат на возрасен кому му веруваат.

Потсетете ги дека секој заслужува да биде безбеден на училиште. Малтретирањето е секогаш погрешно и секој од нас треба да се потруди да биде љубезен и да ги поддржува другите.

7. Барајте помошници

Важно е децата да знаат дека луѓето меѓусебно си помагаат со добрина и дарежливост.
Споделете стории за здравствени работници, научници и млади луѓе, меѓу другите, кои работат на спречување на епидемијата и на безбедноста на заедницата. Голема утеха е да се знае дека сочувствителните луѓе не седат со скрстени раце.

8. Внимавајте на себе

Подобро ќе им помогнете на своите деца ако и вие водите сметка за себе. Децата ќе ги имитираат вашите реакции на вестите, па затоа е добро да бидете смирени и да не кревате паника.
Ако сте нервозни или вознемирени, посветете си време на себе и поврзете се со роднините, пријателите и со лицата од доверба во вашата заедница. Одвојте време да  направите работи што ве опуштаат и ве освежуваат.

9. Нежно завршете го разговорот

Важно е децата да не се остават во состојба на вознемиреност. Кога вашиот разговор ќе приврши, обидете се да измерите колку се вознемирени набљудувајќи го нивниот говор на телото, така што ќе проверите дали имаат вообичаен тон на гласот и дали дишењето им е смирено.

Потсетете ги своите деца дека секогоаш може да разговарат со вас и за други тешки теми. Кажете им дека ги сакате, дека слушате што велат и дека секогаш може да дојдат кај вас кога се загрижени