МВР: Затворски казни за оние кои нема да ги почитуваат препораките и наредбите за спречување на корона вирусот

МВР ја информира јавноста дека за излез од државата можат да го користат граничниот премин кон Бугарија – Деве Баир, без ограничувања, како и граничниот премин Аеродром Скопје. Нашите граѓани можат да остварат влез во  Македонија само на граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан ,Блаце и Аеродром Скопје. Странските државјани кои доаѓаат од високо и средноризични земји не можат да остварат влезат на ниту еден граничен премин, односно нивниот влез е забранет. Воедно, Министерството за внатрешни работи е активно вклучено во спровод и конвој на заглавените товарни возила во меѓуграничниот простор, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

МВР во изминатиот период му асистираше на Државниот пазарен инспекторат во спроведување на одлуката на Владата за затворање на угостителските објекти и во таа насока, во текот на вчерашното попладне СВР Скопје, презеде мерки за затворање на седум локали во северниот дел од Скопје кои не ја почитуваат одлуката на Владата.

МВР упати апел до сите граѓани строго да се придржуваат до препорачаните мерки и насоки усвоени од Владата во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници.

Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.

Инаку, членот 205 од Кривичниот законик гласи: тој што со кршење на прописи или наредби со кои надлежен орган определува прегледи, дезинфекција, издвојување на болни или некои други мерки за сузбивање или спречување на заразни болести кај луѓето или со вработување или држење на лице кое боледува од заразна болест со вршење на полово дејствие или на друг начин, предизвика пренесување на заразна болест, ќе се казни со парична казна или со затвор до три година.

Ќе се казни и тој што не постапува според прописите или наредбите, во поглед на сузбивањето или спречувањето на заразните болести кај животни кои можат да се пренесат на луѓето и со тоа предизвикува пренесување на заразна болест.

Ако како последица од делото е пренесена неизлечива заразна болест, сторителот ќе се казни со затвор од една до десет години. Обидот за пренесување на неизлечлива заразна болест е казнив. Тој што ќе ја загрози сигураноста на друг со лажна закана за пренесување или со ширење на невистинити тврдења за постоење на неизлечива заразна болест ќе се казни со парична казна или затвор до шест месеци. Ако делото го стори од небрежност, ќе се казни со парична казна или со затвор до шест месеци, а ако делото го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

А, според членот 206, тој што за време на епидемија на некоја опасна заразна болест не постапи според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за
нејзиното сузбивање или спречување, ќе се казни со парична казна или со
затвор до една година. Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна.

meta.mk

Leave a Reply

Your email address will not be published.