Шест нови случаи на коронавирус, заразено четиригодишно девојче

Први случаи во Штип и Гостивар. Во моментов се тестираат 35 граѓани а резултатите се оечкуваат вечерва. Вкупната бројка на заболени е 48 лица. Во Дебар се испраќа дополнителен медицински кадар.Околу 2.500 граѓани се во самоизолација.МВР со кривични пријави против триесет лица кои го напуштиле домот

СКОПЈЕ -Шест нови лица, меѓу кои и четиригодишно девојче, се заболени со коронавирус во Северна Македонија, сооопшти министерот Венко Филипче на редовната попладневна пресконференција. Освен во Скопје и Дебар, заразени од коронавирусот денеска се откриени и во Гостивар и во Штип.

Четиригодишното девојче е од Штип а се инфицирало во градинка во Англија од каде со семејството се вратиле на 14 март и оттогаш биле во домашна изолација. Министерот соопшти дека детето е сместено во изолација на Инфективното одделение заедно со мајката. Во Гостивар пак жена која се вратила од Швајцарија, и била во домашна изолација, денеска се јавила на тестирање бидејќи била во контакт со лице во Швајцарија кое било заразено со коронавирус. И таа е задржана во болничка изолација. Во Дебар се регистрирани три нови случаи сите избрани со поширока индикација во рамки на скринигот кој го спроведуваат епидемиолошките тимови. Последниот позитивен на тестовите е жител на Скопје кој бил во контакт со претходно заразените.

Со ова бројката на заразени во државата се искачи на 48 лица.

„Сите пациенти се стабилни во непроменета клиничка слика, како на Клиниката во Скопје така и во Дебар, пациентката која е на машина за дишење е со стабилни витални параметри, нема знаци за влошување на состојбата. Денеска е направена домашна визита на сите кои се на домашно лекување, дадено им е алгоритам по кој треба да се однесуваат исто како за самоизолацијата, така и за лекувањето“, изјави министерот Филипче.

Доколку има потреба пацитентите заразени со коронавирус ќе се лекуваат и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје.

„На лице место се утврди патот, текот на движење на пациентите, делови за изолација во делот на тријажата, приемните амбуланти, една посебна операциона сала, една посебна ангеографска сала, еден посебен кабинет за ехо- дијагностика и еден целосно посебен оддел којшто во овој момент има 22 кревети и две респираторни машини. Со ова, практично, ги обезбедуваме сите пациенти од државата во моментот кога ќе бидат дијагностицирани или пак ќе бидат сомнителни дека имаат коронавирус, а потребна им е некаква друга форма на хируршка или друг тип на интервенција – директно да бидат препратени во болницата „8 Септември. Тука ќе биде воспоставен алгоритам. И кадарот помина една кратка едукација денеска на Инфективната клиника: како да се пристапи на пациентите, како да се земе материјал, при што доколку станува збор за пациент којшто има само сомнение и нема потреба од многу голема итност ќе биде почекан резултатот и потоа ќе се одлучи дали ќе се лекува“, изјави министерот Филипче.

Во Дебар, кој е најпогоден од заразата на коронавирс, утре ќе биде испратен уште еден пулмолог и уште еден педијатар кои треба да му помогнат на веќе постоечкиот кадар кој е намален откако четворица здравствени работници беа тестирани позитивни на вирусот.

Неколку фирми веќе се понудија да изработат заштитни маски за кои има огромна побарувачка и недостиг и се чека дозвола о д Комисијата за заразни болести во Министерството за здравство.

Филипче утре ќе има средба со Здружението на матични лекари за да се најде начин да им се помогне со набавка со заштитна опрема.

Првиот човек на МВР, Наќе Чулев, соопшти дека во моментов околу 2.500 лица во повеќе градови во државата се во самоизолација или карантин и дека околу 2.300 паатролно се обезбедуваат и проверуваат. Во последното деноноќие поднесени се 24 кривични пријави против триесетина несовесни граѓани кои ги напуштиле своите домови иако им била одредена мерка за изолација.

Премиерот Оливер Спасовски пак најави дека од утре покрај кривичната одговорност, граѓаните кои треба да бидат во изолација а бидат затекнати надвор од својот дом, ќе бидат носени во некој од центрите за карантин.

mk.voanews.com

Leave a Reply

Your email address will not be published.