Втора жртва од коронавирусот во Македонија, заболени 136

Од министерството за здравство денеска информираа дека има втора жртва од коронавирусот и нови 22 нови заболени со што вкупната бројка заболени се искачи на 136 луѓе. Во меѓувреме и антибиотикот Сумамед, кој се покажа како успешен за лекување на овој вирус, се повлекува од слободна продажба и ќе може да се набавува само со бел рецепт.

Маж на 63 години од Дебар е втората жртва на коронавирусот во Македонија. Министерството за здравство соопшти дека пациентот бил хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби на 17 март, без зголемена температура, но со наод на белите дробови и бил зависен од кислород. Во текот на ноќта нагло се влошила неговата состојба, веднаш бил интубиран, ставен на респираторна машина, но по неколку часа неговата состојба дополнително се влошила и пациентот починал.

„Не дал податок, ниту тој, ниту семејството дека имал некој коморбидитет (дополнително заболување). Пациентите кои што имаат претходна болест имаат повисок ризик, но има секакви сценарија. Ова значи дека поризична група се повозрасните или тие со коморбидитет, но тоа не е правило”, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Дебарчанецот е втора жртва на коронавирусот во земјава. Вчера почина 57-годишна кумановка, која, според министерот за здравство Венко Филипче, била тестирана два пати за коронавирусот, а тестот бил негативен. Посмртно тестот бил позитивен, рече Филипче, додавајќи дека ниту еден тест не е сто отсто сензитивен.

Leave a Reply

Your email address will not be published.